Утре, во петок, на 11 април, во 20:00, во кафе-книжарница Буква ќе се одржи промоција на романот „Простување“ од Кица Колбе.
Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или со поддршка Министерството за култура.
На книжевно промотивната вечер со авторката ќе разговараат Калина Малеска и Игор Анѓелков а настанот ќе го води Ненад Стевовиќ.
Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам.

„Простување“ од Кица Колбе во издание на „Или-или“ е извонреден роман за простувањето и помирувањето како хуманистички чин на надминувањето на траумите од војните и од прогонствата кои не ги засегаат само конкретните жртви, туку се пренесуваат и уште повеќе го усложнуваат и редефинираат идентитетот на потомците. (Од жирито на конкурсот за „Роман на годината“)
„Најновиот роман „Простување“, на еминентната македонска и германска прозаистка, филозофина и сликарка Кица Колбе, проникнат е од темите кои се доминантни во целиот нејзин раскажувачки опус: идентитетот, дислокацијата, меморијата, јазикот, создавањето и восприемањето на уметноста, суштинското промислување на човековата егзистенција, етичноста како еден од идеалите на човековото постоење. Инкарнирани преку ликовите, нивните животни судбини и нивните дејствувања во романот, овие теми поаѓаат од конкретното, индивидуалното, и се издигнуваат до универзалното и општочовечкото, обединувајќи ги низ густата раскажувачка постапка откривањето и соочувањето со сопствената, со наследената и со колективната траума.“ (Гоце Смилевски)
***
Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.
Од 1990-тата се посветува целосно на прозата, особено на романот.
Нејзини дела се: „Егејци“ (Култура, Скопје, 1990), „Снегот во Казабланка“ (Три, Скопје, 2005 Магор, Скопје, 2007), „Жените Гаврилови“ (Табернакул, Скопје 2008, Или-Или, 2021), „Река во наследство“, Ein Fluss als Erbe (Скопје и Лангенфелд, 2009), „Витезот и Византијката“ (Или-Или, 2020), „Земја на бегалци“ (Или-Или, Скопје, 2018, 2023).
„Снегот во Казабланка“ е добитник на наградата Роман на годината 2006, а „Жените Гаврилови“ во 2009 година беше номиниран за наградата Балканика.
Кица Колбе последниве години е редовен колумнист во Дојче Веле.