Македонската филхармонија ќе го реализира традиционалниот концерт "Филхармонија на отворено", кој ќе донесе разновидност и секако, несомнен квалитет. Во среда, на 19-ти јуни во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 21 часот, одиме на футуристичко патување низ дел од филмографијата на најкреативниот режисер на сите времиња – Стенли Кјубрик, визионерот кој изврши огромно влијание врз светската филмска уметност.
Концертот носи наслов "Одисеја 2024", кој е инспирација од неговиот револуционерен филм "2001: Вселенска одисеја", но и кој ја најавува новата концертна сезона на Македонската филхармонија во јубилејот којшто годинава го слави оваа најстара национална институција – 80 години од постоењето.
Под диригентската палка на маестра Дијана Имери-Илкоска, ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, а кои ги одбележаа маестралните филмови: "Одисеја 2001", "Пеколен портокал", "Бери Линдон" и "Очи широко затворени".
Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика.