Македонија
Партијата Левица ја повикува власта веднаш да спроведе ветинг во МВР

„Последниот скандал со припадникот на обезбедувањето на премиерот Мицкоски, кој од просториите на СВР Велес изнел службени документи со доверлив карактер, е само уште една потврда за длабоко вкоренетата корупција во редовите на МВР. Ова не е изолиран инцидент, туку дел од поширок проблем што со години ја разорува безбедносната на државата“, велат од партијата Левица.
„Овој случај повторно сведочи за постоењето на “кртови” во полицијата, кои наместо да ја штитат безбедноста на граѓаните, соработуваат со криминални структури. Потсетуваме дека неодамна, кога Обвинителството се обидуваше да го разбие нарко-картелот „Грчец“, акцијата со кодно име „Планина” беше пробиена од корумпирани структури, овозможувајќи им на криминалните групи да се дадат во бегство.
Исто така, сѐ уште нема никаква информација за поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој “исчезна“ без никаква реакција од институциите. Владата останува немоќна или незаинтересирана да објасни како Груби навремено успеал да избега, што дополнително го засилува сомнежот за системско потпомагање на криминалот од највисоките ешалони на власта.
Дополнително загрижувачки е фактот што МВР обзнани за случајот со оддавање службена тајна дури откако јавноста и медиумите веќе го разоткрија, а дотогаш, немаше никаква трага ниту во Дневните билтени на МВР за обезбедувањето на Мицкоски.
Индикативно е и што функционери и од претходната и од сегашната власт не ретко се фотографирани во друштво со лица од криминалното подземје. Па така и актуелниот премиер Мицкоски е фотографиран на гоштевање во Грчец со нарко-босови, што фрла сериозна сенка врз кредибилитетот на институциите во борбата против организираниот криминал.
Дополнително сомневање предизвикува и фактот дека информациите биле изнесени токму од СВР Велес, каде претходно разоткривме сериозни случаи на роднинско влијание од министерот Тошковски. До нас постојано пристигнуваат нови информации за непотизам и злоупотреби во оваа институција, што укажува на систематско вградување на лојални кадри кои не одговараат на законот, туку на партиските и криминалните структури.
Доколку власта навистина сака да покаже дека правдата и безбедноста е над партиските и личните интереси, тогаш Левица ги повикува веднаш да пристапат кон ветинг во МВР. Само темелна проверка и чистење на редовите на полицијата може да ја врати довербата во институциите и да обезбеди ефикасна борба против криминалот“, соопштуваат од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Ромите не се „малцинство“, туку народ со богата традиција

Овој ден има силна симболика. Тоа е ден на сеќавање – на историја, на прогонот, на исклученоста, но и ден на достоинство, отпор и надеж, истакна премиерот Христијан Мицкоски по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
Според него, тоа е ден кога не само што ја славиме ромската култура, туку и гласно зборуваме за неправдите со кои оваа заедница се соочувала и за заложбите кои ги преземаме како држава за да ги надминеме тие неправди.
Ромите, рече Мицкмоски, се составен дел од нашата држава.
„Тие не се „малцинство“, туку народ со богата традиција, со музика, со јазик, со историја, традиција, обичаи. Тие се наши сограѓани, соседи, пријатели, соработници, и најважно од сè – граѓани со иста вредност и достоинство како секој друг. Но вистината е дека ромската заедница предолго живее на маргините. Да бидеме искрени, нееднаквоста е реална. Има системски бариери и преземаме одговорност да ги рушиме тие бариери, чекор по чекор, политика по политика, проект по проект“.
Владата, додаде тој, вложува во образовни политики кои ќе обезбедат еднаков почеток за секое дете, без разлика на етничка или социјална припадност.
Како што оцени, за ромските деца, образованието не е само опција, тоа е надеж, одговор на генерации неправда, на исклученост и заборав.
„Вработување од интеграција до еднаква економска шанса.
Работиме интензивно на вклучување на Ромите во пазарот на трудот преку:
Активни мерки за вработување во соработка со Агенцијата за вработување, специјално насочени кон младите Роми и жените. Обуки за занаетчиство и дигитални вештини, како и можности за самовработување преку грантови и менторство.
Во периодот од 2023 година заклучно со денес, повеќе од 1.000 Роми добиле работен ангажман или почнале сопствен бизнис.
Поддржуваме реновирање на кровови, канализациска мрежа, пристап до вода и струја во Шуто Оризари, Битола, Кочани, Делчево и други општини.
Се градат нови социјални станови. Секое семејство заслужува дом, не импровизација, туку вистински, безбеден, достоинствен дом“.
Мицкоски нагласи дека НИВНАТА визија не е Ромите да бидат „толерирани“ или „вклучени“, туку Ромите да бидат рамноправни граѓани, со иста моќ да одлучуваат, создаваат, сонуваат и живеат достоинствено.
Македонија
Aктивна забраната за тешки товарни возила на патот Тетово – Попова Шапка

Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка се уште е активна забраната за тешки товарни возила, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема (ланци).
Патниот правец Крушево – с.Долно Дивјаци – с.Кочиша е небезбеден за сообраќај и претсавува опасност за нормално одвивање на сообраќајот. Од 04.4.2025 година е затворен за секаков вид на сообраќај. Може да се користат регионален пат с.Пуста Река -Крушево.
Според известување од Виадукт Треј Дооел – Гостивар од 09.04.2025 година(среда), ќе се врши реконструкција на дилатациони спојки на дел од автопатот Неготино-Велес (клучка Неготино), каде сообраќајот ќе се одвива во една сообраќајна лента во правец од Неготино кон Велес во времетраење од 15 дена.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Меџити-Сецуко: во фокусот подобрување на еколошките услови за сите граѓани на Македонија

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска на работна средба ја прими амбасадорката на Јапонија во Скопје, Кавахара Сецуко.
Меџити и Сецуко ја истакнаа важноста од блиско и долгорочно партнерство меѓу двете земји, особено во областа на заштитата на животната средина.
Меџити рече дека оваа средба е доказ за посветеноста на новата Влада за интензивирање на соработката со Јапонија и заедничко реализирање на одржливи еколошки иницијативи и зелен развој во Северна Македонија.
Амбасадорката Сецуко ја изрази подготвеноста на Јапонија да продолжи со поддршка на проекти поврзани со заштита на природата, подобрување на квалитетот на воздухот, управување со водите и зачувување на биолошката разновидност во Северна Македонија.
Меџити ѝ се заблагодари на Јапонија за досегашната поддршка и за експертизата што ја понуди во спроведувањето на еколошките проекти во земјата, но и во регионот, нагласувајќи ја важноста на меѓународната соработка во справувањето со глобалните прашања како што се климатските промени и зачувувањето на биолошката разновидност, ценејќи ги можностите што ги нуди ова партнерство.
Амбасадорката Сецуко и министерот Меџити ја изразија посветеноста на двете страни да продолжат со тековното партнерство, обезбедувајќи блиската соработка да води кон подобрување на еколошките услови за сите граѓани на Северна Македонија