Маск ќе остане на должноста додека не ја заврши задачата на DOGE

Белата куќа во средата објави дека Илон Маск ќе остане на должноста додека не ја заврши задачата на новоформираната агенција Оддел за владина ефикасност(DOGE) за намалување на владината потрошувачка и гаснење на секторите кои се неефикасни и расипнички што значи и намалување на бројот на вработените во сојузните агенции, отфрлајќи ги медиумските извештаи дека наскоро ќе ја напушти таа функција и ќе се врати во приватниот сектор.

Порталот на весникот Politikо и телевизиската мрежа ABC News претходно во средата објавија дека американскиот претседател Доналд Трамп им рекол на членовите на својот кабинет дека Маск наскоро ќе замине и ќе се врати во приватниот сектор, иако не е јасно дали тоа значи дека Маск ќе замине пред крајот на неговиот мандат на крајот на мај.

„Илон Маск и претседателот Трамп јавно кажаа дека Илон ќе се повлече од јавната служба како специјален вработен во владата штом ќе заврши неговата неверојатна работа во DOGE“, изјави портпаролката на Белата куќа Каролин Левит.

Маск, најбогатиот човек на светот, беше назначен од Белата куќа за „специјален вработен во владата“, што го ограничува неговиот мандат на 130 дена, што значи дека неговото раководство во операциите на DOGE би можело да заврши најрано на крајот од мај.

Мандатот на Одделот за владина ефикасност (DOGE) предводен од Маск ќе трае до 4 јули 2026 година.

Минатиот четврток Маск изјави за телевизиската мрежа Fox News дека верува оти неговиот Оддел за владина ефикасност (DOGE) може да заштеди 1.000 милијарди долари, намалувајќи го сегашното вкупно ниво на сојузната потрошувачка, којашто достигнува приближно 7.000 милијарди долари, на 6.000 милијарди долари.

„Мислам дека ќе направиме поголем дел од работата потребна за да го намалиме дефицитот за трилион долари во таа временска рамка. Владата е неефикасна и има многу расипништво и измами, така што уверени сме дека намалувањето од 15 проценти може да се направи без да се влијае на некоја од критичните државни служби“, рече Маск.

DOGE проценува дека веќе со остварените кастрења од 24 март им заштедил на американските даночни обврзници 115 милијарди долари, преку мерки кои вклучуваат намалување на вработените, продажба на средства и откажување на договори со државата.

Технолошкиот милијардер Илон Маск, чија цел, исто така, беше да ја намали државната администрација, изјави минатиот четвртокот дека најголемиот дел од работата за намалување на сојузната потрошувачка за трилион долари ќе биде завршена до крајот на неговиот мандат, односно за 64 дена.

Речиси 200.000 вработени се отпуштени, ќе бидат отпуштени или прифатиле отпремнина. Национален протест против DOGE и агендата на Трамп е планиран за сабота.

Улогата на Маск во намалувањето на бројот на вработените во администрацијата и сојузните агенции предизвика политички реакции последниве седмици, при што автомобилите и дилерите на „Tesla“ беа погодени од бран вандализам и со употреба на огнено оружје и со опожарување на возилата, како и протести низ целата земја. Возила на „Tesla“ беа цел на вандализам и палења и во Европа, како продукт на пропагандата против Маск од страна на екстремните неолибертатијански естаблишмент и неговите екстремни левичарски активисти, поради строго конзервативните ставови на претприемачот кој финансиски и медиумски ја помагаша кампањата на Трамп.