Обвинителството потврди: Груби се бара за проневера на 8 милиони евра

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик, се вели во соопштението на Обвинтиелството

„Врз основа на кривични пријави од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција, беше спроведена предистражна постапка во рамките на која беа преземени повеќе дејствија, а утрово, врз основа на соодветни судски наредби, беа извршени претреси на девет локации во Скопје и во кумановско со цел обезбедување докази за потребите на постапката. Претресите ги вршеа припадници на Министерството за внатрешни работи, под раководство на надлежни јавни обвинители.

Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа “Државна лотарија” на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.

Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – Генерален директор на “Државна лотарија”, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија. Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови.“ - се вели в осоопштението на Обвинителството. 

РКЕ одлучи: Нафтата и бензинот поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 30.12.2024 година.

Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,073 ден/кг и сега ќе 45,711 ден/кг. 

Од 9.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 78,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 80,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 45,711 (денари/килограм)

ДУИ со честитка за Божиќ, но и загриженост од недостигот на волја за соживот

Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. 

Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом. 

Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив..  

Разочарани сме и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава. 

Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина. 

Во пресрет на Божиќните празници, на сите православни верници им посакуваме мир, хармонија и топлина во нивните домови. 

Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање. 

Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство. 

На сите граѓани им посакуваме празници исполнети со добрина и надеж за подобро утре за сите нас.

ДУИ

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Популарно