Јаневска: Резултатите од ТИМСС-тестирањето се лоши и се доказ дека се потребни промени во образованието

За жал, ова не е новост, резултатите се лоши. Не можам да кажам дека се неочекувани, но се доказ дека се потребни промени во се што го опфаќа образовниот систем, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска за резултатите од ТИМСС-тестирањето што денеска ги соопшти МОН.

Како што рече, пред пет месеци се почнати промени од кои треба да произлезат подобри резултати на меѓународните тестирања.

- Промените во образованието не се ни лесни ни брзи. Но, почнати се и се надевам дека во еден разумен временски период ќе ги дадат и своите резултати, изјави Јаневска денеска во Ректоратот на УКИМ каде што учествуваше на конференција „Подобро образование за посилен раст“.

МОН денеска информираше дека ТИМСС-тестирањето „покажа дека се потребни крупни промени во образованието за да можат учениците да ги подобрат знаењата“.

Според резултатите од меѓународно ТИМСС-тестирање на ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик, во математичка писменост нашите ученици се на 44 место од 58 држави, а во природни науки на 47 место. ТИМСС-тестирањето беше спроведено  во 2023 година по електронски пат. 

На новинарско прашање кога ќе продолжи изградбата на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, министерката одговори дека тоа се очекува пред крајот на 2025 година.

- Затоа што треба многу подготвителни активности за да може да почне изградбата односно да се објави јавниот повик, додаде Јаневска. 

Во однос на претходниот раководител на студентскиот дом „Пелагонија“ и дали против него ќе има обвинение, министерката одговори дека ако се утврди дека има зошто да се поведе постапка, „ќе бидат спроведени сите соодветни процедури и ќе бидат доставени наодите до соодветните институции“.

РКЕ одлучи: Нафтата и бензинот поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 30.12.2024 година.

Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,073 ден/кг и сега ќе 45,711 ден/кг. 

Од 9.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 78,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 80,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 45,711 (денари/килограм)

ДУИ со честитка за Божиќ, но и загриженост од недостигот на волја за соживот

Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. 

Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом. 

Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив..  

Разочарани сме и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава. 

Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина. 

Во пресрет на Божиќните празници, на сите православни верници им посакуваме мир, хармонија и топлина во нивните домови. 

Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање. 

Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство. 

На сите граѓани им посакуваме празници исполнети со добрина и надеж за подобро утре за сите нас.

ДУИ

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Популарно